Филм

КАКО ЛОШ СОН

КАКО ЛОШ СОН

Опис

Филмот „Како лош сон“ функционира како своевиден филмски есеј на тема: односите Балкан (Македонија) – Европа, а преку техниките на огледување на субјектот во Другиот, овие односи постојано се исчитуваат едни преку други. Преку два наративни текови кои во еден миг се испреплетуваат за потоа одново да се одвојат, филмската приказна, преку типизирани, општи ликови, говори за крвавите братоубиствени војни на Балканот, но истовремено ја преиспитува и улогата на современа Европа во нив, како и прашањето за европската совест во однос на нив. Истовремено, метафорично го нагласува и колонијалниот однос на современа Европа кон Балканот и Македонија. Во центарот на нарацијата се главните ликови Шејтан и Иван, кои се главни протагонисти во двата наративни текови. Тие, независно еден од друг, од Македонија стигнуваат во Западна Европа и судбината и на двајцата е трагична, а нивната судбина е само метафора за судбината на Македонците и другите балкански народи и на односот на Европа кон нив. Шејтан полудува, што ја симболизира лудоста на Балканот виден со очите на Европа, и во затворот се самоубива, а Иван е силуван од својот омилен професор, по што, посрамен, најавува враќање дома, во Македонија, што исто така е матафора за непризнавањето на Македонија од Европската Унија и понижувачкиот однос кон државата со инсистирањето на промена на уставот, симболите и името на државата. На едно друго ниво, филмот ја спротивставува сликата на наивните, традиционалистички воспитани Балканци дојдени во големиот град во Западна Европа и сликата на расипаноста на самиот град, симбол на Европа како „Блудница вавилонска“, затрупан со секс, дрога, проститутки, трансвестити, хомосексуалци, но и академско лицемерие и себичност од секаков вид.

© 2026 Сите Настани