Театар и стенд-ап

12

12

Опис

12 За Мирко Јас сум стапица. Моето тело е стапица во која паднав на денот на моето раѓање. Франц Кафка Декларација на неспособност Живееме во лудa доба. Нонстоп. Имаме високо мислење за себе и за околината, но во суштина сме небитни. Времето немилосрдно нѐ гази, историјата револвира во неверојатно совршен круг, а ние, намерно или ненамерно, иако многу добро ја знаеме траекторијата, забораваме да научиме што било од искуството. Како последица, цивилизациски девалвираме. Забораваме зошто сме овде. Или можеби, никогаш вистински не дознавме. Оправданија и олеснителни околности ни се омилени орудија. Покажување со прст, омилен тренинг на цивилизацијата. Огледалото не постои за рефлексија на сопствените постапки, туку само како средство за задоволување на ниски страсти и суета. Во слободно време, од удобноста на нашите домови, се бориме и за правда, еднаквост и за слобода. А слободата е болест, пријатели. Вирус. Комфорна зона. Од таа позиција креираме лажна иднина, празни приказни за нашите деца. Претставата „12“ е декларација на нашата неспособност. Некомпетентност! Само бледа опција, сред духовна корупција. Дали сме тука само да ја раскажеме нашата приказна? Имам свои сомнежи. Колку чини човечкиот живот? Верувам во волјата да се преживее. Но не и во истребување. Дали вербата е доволна. Дали воопшто може да веруваме? И кому? Можеби и не сме толку битни. Може да нѐ снема за миг. Бесот е блуткаво недоразбирање. Мост кон островот на изневерени очекувања. Претставата „12“ е предговор за сите наши потфрлања. * АКТЕРСКА ЕКИПА * КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА * РЕЖИСЕРСКА БЕЛЕШКА АКТЕРСКА ЕКИПА 1. Ѓорѓи Јолевски 2. Гораст Цветковски 3. Тони Михајловски 4. Никола Ристановски 5. Благој Веселинов 6. Александар Микиќ 7. Игор Џамбазов 8. Јордан Симонов 9. Сенко Велинов/Нино Леви 10. Оливер Митковски 11. Владо Јовановски 12. Сашко Коцев Судија: Тања Ивановска КРЕАТИВНА И ТЕХНИЧКА ЕКИПА Асистент на режија: Борјан Стојков Извршен продуцент: Виктор Рубен Сценограф: Мартин Манев Музика: ПМГ Колектив Костимограф: Александар Ношпал Асистент на костимографот: Никола Булески Инспициент: Саво Ивановски Суфлер: Тања Ивановска Лектор на текстот и на програмскиот каталог: Тодорка Балова Раководител на маркетинг: Сандра Стојмирова Раководител на финансии: Кристина Ацковска Технички раководител: Гунтер Кубе Координатори на техничките служби: Ивица Урдаревиќ и Југослав Ацески Фотограф: Кире Галевски Уредници на програмскиот каталог: Мила Анѓелковиќ и Ивана Јарчевска Дизајнер на плакатот и програмскиот каталог: Сара Митова Инженер на светло: Даниела Атанасова Дизајнери на светло: Мартин Манев и Дарко Младеновски Техничар за светло: Горјан Темелкоски Дизајнер на звук и тон-мајстор: Стефан Михајловски Манипулант на долен погон: Васко Бојаџиски Реквизитер: Соња Крстевска Гардеробери: Скендер Бериша, Валентина Чонкова и Елизабета Стамчевска Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Моника Вучковиќ Декоратери: Васил Мешковски, Дејан Стамчевски, Неџат Асан, Бурхан Муареми, Мартин Китановски, Ибрахим Рамановски, Нерхан Османовски, Хусеин Халили, Зекирија Алим и Дурмиш Сефер Изведувачи на сценографија: Татјана Христоска (раководител на работилница), Ангел Петровски (вајар), Дарко Дуковски (вајар), Зоран Миновски (бравар) и Илија Николовски (столар) Документарен филм: „Како се правеше театарската претстава 12“ Режисер: Борјан Стојков Снимател и монтажер: Борис Ралев РЕЖИСЕРСКА БЕЛЕШКА Враќање дома Понекогаш е навистина смешно да го следиш трагот по кој се одвиваат нештата. (1996) Имав неполни 20 години, кога за прв пат добив шанса да работам во МНТ- Театар Центар. Заедно со мојата колешка од класа, Наташа Поплавска, решивме дека сме спремни да тргнеме во освојувачки поход на театарските сцени во Македонија. Имавме неверојатна среќа, на самиот почеток од „походот“, да наидеме на широко отворените врати на Македонскиот народен театар. Бевме спремни. Имавме одличен текст, поделба, одговор на сите битни прашања. За многу кратко време, ете нѐ нас на сцена, го работиме „Едмонд“, од Дејвид Мамет. Мојата прва професионална претстава. Во мојот омилен театар. Со млада и неверојатно талентирана екипа, тукушто излезена од ФДУ. Повеќето од нив, ќе станат главни креатори на најквалитетните содржини на Македонското театарско небо во наредните децении. Токму тие, денес, мои драги колеги и пријатели, ни помогнаа да направиме и повеќе од успешна претстава која успеа да се наметне на репертоарот на театарот. Екипата и управата задоволни, ние пресреќни и побогати со лекции кои никогаш не можеш да ги научиш од професор, ниту во училница, туку директно на сцена во драгоцена интеракција со поискусните колеги. Искуство. Во наредните 28 години се калев низ македонските сцени, ансамбли, гардероби, гримиорни, канцеларии и ходници, обидувајќи се да си го пронајдам својот пат, својот јазик, толку блиску, а далеку. Претпоставувам дека никогаш нема да престанам да истражувам, обидувајќи се да го пронајдам. Но она што сигурно го научив по пат, е занает. Како да се направи „добра“ претстава. Совршен поп-продукт. Две театарски куќи го имаат најголемиот удел во мојот развој како занаетчија. МНТ и Театар „Комедија“. (2007) „Сомнително лице“, (2013) „Стјуардеси“, (2015) „Вардарски пастуви“, (2019) „Илуминати“. Иако во продукција на два различни театри, сите се работени на истата сцена, сѐ уште мојата омилена, тогаш Театар Центар, а сега Театар „Комедија“. МНТ доби нова зграда во 2013 година. Зграда која требаше да нѐ обедини, да нѐ поврзе. Но, дали по игра на случајот или намерно, успеа да нѐ раздели како никогаш до тогаш. Ми беше навистина тешко, да се поврзам со сите ненадејни струи, шумови и влијанија, кои едноставно не успеваа да ја емитираат енергијата на оригиналната матична сцена. Во изминатава деценија успеав да направам две претстави во новиот театар. Двете на мала сцена. (2014) „Не се клади на Енглези“, (2019) „Мој термин“. Двете се сѐ уште на нашиот репертоар. Едни од ретките кои преживеале. (2024) Враќање дома. Назад во МНТ. Мојот МНТ. Мојот тим. Дома. Конечно на голема сцена. Конечно обединување на екипата која ми помогна да започнам. Појачана со уште неколку генијални актери, мои пријатели, мои колеги, мои идоли. Јоцо, Тони, Џамбаз, Микиќ, Сенко, Никола, Оли, Саше, Владо, Ѓорѓи, Гораст, Бажо. Секој од нив со специфичен јазик, специфичен говор и изглед. Неверојатен тим. Тим што никогаш не помислил дека може да биде тим. Чест ми е што токму јас ги собрав. Тим што сега игра како еден и токму поради тоа, нивните несомнени индивидуални артистички способности, доаѓаат до израз. Неверојатно искуство. Совршен поп-продукт. Се надевам ќе уживате колку што и ние уживавме на пробите. Синиша Евтимов

Поврзани објави

© 2026 Сите Настани