Национален џез оркестар и Сашко Николовски
Опис
Националниот џез оркестар со концерт посветен на Сашко Николовски – Четири децении музика и инспирација!
На 28 октомври, Националниот џез оркестар ќе приреди јубилеен концерт посветен на 40-годишната уметничка кариера на нашиот драг член, долгогодишен соработник, истакнат тромбонист, аранжер и композитор – Сашко Николовски.
Овој концерт претставува омаж на една кариера што зад себе остава длабока трага во современата македонска музичка култура. Публиката ќе има можност да слушне избор од авторските композиции и аранжмани на Сашко Николовски, но и дела од други значајни македонски автори и соработници – Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Џијан Емин, Иван Петровски и други.
Под диригентската палка на Џијан Емин, концертот ќе понуди музичка приказна што ги обединува различните периоди, соработки и влијанија кои ја одбележале четиридецениската кариера на Сашко Николовски.
Како еден од најактивните музичари на нашата сцена, Сашко има реализирано безброј концерти во земјава и надвор од неа. Со професионален ангажман во оркестарот на Националната опера и балет сè од 1986 година, тој низ децениите остава длабок печат во бројни состави: како член на Квартетот тромбони, со концерти во Сплит, Омиш, Макарска и Хвар, во оркестарот на МРТВ, бендот на Тоше Проески, Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски Септет и многу други.
Како круна на неговото долгогодишно творештво се појавува и неговиот прв авторски проект – албумот „Not for Sale“, на кој свират дел од најпрепознатливите имиња на домашната џез-сцена, обединувајќи осум композиции инспирирани од класичните и модерните текови на џезот.
На концертот ќе настапат и специјални гости, меѓу кои Сашо Гигов-Гиш, Дарко Мучев – Мучо, Стефче Стојковски и Теодор Стојковски – Катин.
Ве покануваме на вечер во која го славиме творештвото, пријателството, музиката и 40-годишната џез-приказна на нашиот Сашко.
✦ Четири децении музика и инспирација – во живо, со Националниот џез оркестар и Сашко Николовски.
28 октомври 2026 | 20:00 часот
Национална опера и балет
